Достапни линкови

Гаши: Нема потреба од паника, ниту од вонредни парламентарни избори


Гаши: Граѓаните сакаат стабилност
please wait

No media source currently available

0:00 0:21:32 0:00

Гаши: Граѓаните сакаат стабилност

Парламентарното мнозинство е стабилно без разлика дали некој ќе излезе или влезе заради превирањата во коалицијата ВРЕДИ, вели спикерот на Собранието Африм Гаши во интервју за РСЕ. Смета дека парламентарните избори треба да се одржат во редовен термин. Новиот закон за правична застапеност го очекува до крајот на месецот.

Господине Гаши, случувањата во Вреди, ќе значат и промени во владата, можеби промени во Собранието, дури се доведува во прашање и Бадентеровото мнозинство. Дали сметате дека заедно со локалните треба да се одржат и вонредни парламентарни избори?

Еве сме во Собрание и се трудам да бидам поапстрахиран од дневната политика и политичките партии. Мислам дека нема потреба од никаква паника, мнозинството е стабилно, мислам дека треба да се продолжи понатаму да се работи без разлика дали некој ќе влезе, ќе излезе.

Мислам, нема да има голема промена во бројот на пратениците. Мнозинството е многу стабилно, веќе околу две третини имаме. Од друга страна, локални избори се наближуваат, но мислам дека не треба да не фаќа така секогаш изборна треска и адреналин дека мора да правиме избори за се. Мора да ги сфатиме локалните избори по природата, какви се и тие во суштина. Се разговара за канализација, за водовод, за почисти патишта, осветлување и мислам дека не треба високата политика да ја вметнеме во делот на локалните избори, во изборите кои следуваат, овие редовни. Така да не би ги ставил во иста паралела, ова што е парламентарно мнозинство,мислам дека треба да продолжи до крајот на мандатот, да дадеме политичка стабилност на граѓаните, дека Собранието, владата, си течат со работа. Локални избори е друга тема.

Очекувате ли вашиот коалициски партнер, Алијанса за Албанците и господиниот Таравари да останат во Владата?

Па тоа е сепак работа која ќе ја одлучат политичките лидери од Влен, Веќе има најави за окрупнување или хомогенизација на Влен во една политичка партија.

Ако се случи тоа, ќе треба они да одлучат по тоа како ќе се однесуваат во делот или одлуките на АА, што они ќе одлучат во однос на нивната политичка определба. Но мислам дека во овој дел би се апстрахирал, имам право да го направам.

Сепак, мислам дека што и да се случи нема суштински да ги поремети политиките кои ги градиме на централно ниво, а како што кажав и предходното, не треба да ги тангира воопшто локалните избори. Зборуваме за две различни теми во различни нивоа и за едното и за другото мислам дека нема некоја работа за која треба граѓаните да се вознемируваат.

Како политичар, зошто сметате дека Вреди треба за стане партија?

Граѓаните сакаат стабилност. Според мене, една од најголемите причини зошто еден човек се одлучува да гласа за една политичка партија. Можеби они не знаат тоа да го кажат, но во потсвеста стои стабилноста и сигурноста која треба граѓанинот, гласачот да ја има кон една политичка структура.

Меѓутоа, бевме 4 политички партии во коалицијата ВЛЕН и сакаме да дадеме стабилност дека овој проект е долгорочен и дека граѓаните можат и треба да калкулираат и да очекуваат да ги реализираме нивните потреби. Со оваа стабилност која ви ја покажувате кон нив, се зголемува потенцијалот за привлекување на гласачи. И не е само за бројот на гласачите, повеќе е за политичката стабилност.

Очекувате ли Зијадин Села да ви се придружи?

Па не знам, тоа не е моја работа.

Собранието во овој состав работи точно една година. Како ја оценувате работата на Собранието?

Прво, знаете, јас во ова се чувствувам наистина како ученик и не би дал, не би си дозволил да си дадам оценка самиот на себе, никако. Но во однос на Собранието во целина мислам дека имаме подобрување во неколку делови, кои се многу битни, а тие беа и некакви определби мои и лични, и стратешки цели кои Собранието ги има донесено и пред јас да бидам претседател на Собранието. Така да во делот на функционалност, ефикасност, транспарентност, парламентарната дипломатија, мислам дека имаме значително подобрување. И тоа може да се докаже со факти и бројки.

Но, пред се во политиката и кај граѓаните многу е битна перцепцијата. А перцепцијата, за жал, и тешко се менува кај граѓаните. Во овие 30 години од почетокот на нашиот демократски живот како држава, имаше наталожување на негативна перцепција кон Собранието. Сега нема да можеме одеднаш да направиме еден катарзис на негативната енергија, но мислам дека сме отвориле доволно број на канали низ кои ќе се испушта негативната енергија и се надевам, ако не во првата година, веќе во втората и третата или на крајот од мандатот, моја цел е граѓанинот, обичниот граѓанин од некое високо село кој не гледа преко телевизија да рече – среќен сум што имаме вакво Собрание. Навистина, многу е битно на крај тие што не гласаат и што не донеле тука да се задоволни од нас.

На негативна реакција наиде одлуката на Собранието да не одржи комеморативна седница за трагедијата во Кочани. Чиј беше предлогот и кој беше вашиот личен став?

Трагедијата во Кочани беше трогателна за сите нас и ние се собравме сите координатори и разговаравме не како на политички партии туку, како одговорни луѓе кои треба да се однесуваат одговорно во такви времења. Разговаравме сите заедно, сите аспекти на таа трагедија и нашиот однос во таа релација.

Имаше консензус од сите дека ние како Собрание во тие денови со нашата неработа, под наводници, или неодржување на седници, пленарни и на комисии, а работата секогаш течеше цело време, пратениците доаѓаа и тука, повеќе пратеници беа присутни на комеморативни седници во локалните средини, во контакт со граѓаните, така да Собранието беше активно. Наша констатација беше дека тоа може да се стави во негативен контекст и да покажеме непочитување кон жртвите на трагедијата и нивните семејства и решивме да покажеме почит.

Вчера имавме реакција од в.д. градоначалникот на Кочани кој смета дека сте покажале непочит.

Значи јавноста не значи еден човек, ниту еден новинар, ниту еден политичка партија.

Дали се согласувате со ставот на премиерот Христијан Мицкоски кој вели: „нема да ги гласам уставните измени се до дека Бугарија не ги заврши своите обврски и да ги почитува правата на своите малцинства“?

Коалицијата од која доаѓате, кога влезе во власта, поставуваше и рокови за изгласување на уставните измени и вметнувањето на Бугарите во Преамбулата.

Не би навлегол во коментирање на ставови. Вие знаете дека, не само ВЛЕН, туку сите албански партии сакаат да отпочнат преговорите и немаме никакви дилеми околу тоа дека треба веднаш да почне тоа.

Но, од друга страна, имате голема сензитивност кај албанските политички партии и на власт и во опозиција, и не само сега, и во спорот со Грција, да се застане рамо до рамо со македонскиот народ во одбрана на македонскиот идентитет, јазик и историја. Затоа што за нас, Албанците, многу е битно да покажеме почит кон овие битни компоненти на битието на еден човек. И затоа ние сме внимателни ако тоа го знаеме и какви се анкетите и какво е расположението кај македонскиот народ.

На штета на евроинтеграциите мора да секогаш да внимаваме на меѓуетничките односи, затоа што е тоа столбот, најголемиот столб на стабилност во оваа држава. Ние прво треба да се грижиме за таа компонента, а сите заедно потоа да го продолжиме патот кон Европската Унија, зашто е стратешка определба на нашата држава, а токму и ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски неколку пати покажале, и тоа го имаат напишано во своите програми, дека не отстапуваат од таа идеја на нашата држава да стане членка на Европската Унија.

Еден совет кој доаѓа од Брисел е овој период додека се чекаат уставните измени до 2027 да се завршат реформите од Планот за раст.

Во делот на реформската агенда, која се постави од Европската Унија, ние сме првата земја која, откако ги почнавме овие процеси, ги претркавме сите земји од регионот, и сме прва земја која сите обврски од првата фаза ги има завршено во рекордно време. Затоа и првата донација од ЕУ ја добивме токму заради успешно завршената работа. Тоа ќе ни биде приоритет. Не може да оставаме се на уставните измени. Ние имаме многу, многу работа и со усогласувањето на легислативата и со реформската агенда. Треба да направиме се околу тоа за да уставните измени останат, можеби, ако останат последни, штом ќе ги направиме се друго да биде скоро завршено.

Втората транша, за да дојде треба се да донесат закони за судството, некои веќе во јуни, останатите во декември, меѓу нив и измените на Кривичиниот законик. До каде е таа работа, дали се очекува расправа и гласање по овие закони?

Да, работиме интензивно. Како што знаете, и Уставниот суд имаше забелешки и препораки. Ние веднаш формиравме работни групи по двата закони кои тие имаат забелешки, за Кривичниот закон и за Законот за електронски комуникации.

Овој закон, вториот за електронски комуникации, е пратен во Влада, затоа што бара и голема експертиза, не бара само политичка поткрепа, туку бара и стручност и експертиза и работиме интензивно на тие закони. Но не само тие, се што е дел од реформската агенда. Знаете дека беше врвен приоритет во нашите предизборни програми, реформите во судството воопшто. Да, и затоа гледаме тоа да го направиме пред се заради нас. Нас ни треба кредибилно судство, нас ни требаат реформи во судството, а тоа во овој случај со тоа што го направиме тоа за нас, ќе добиеме поени и ке ги отвориме вратите за отворање и затворање на поглавјата.

До каде е законот за правична заставеност, кој требаше да го замени таканаречениот, балансер?

Политичка волја има, определба политичка има, тоа е нужност и уставна, затоа што тоа е уставен амандман и принцип уставен за правична застапеност на заедниците.

Законот се работи долго време, но се обидуваме тој да биде на крајот кога ќе биде предложен, да немаме проблеми и со уставноста и со Венецијанската комисија. Гледаме да ги помине сите филтри за кога ќе биде изгласан, да нема такви дилеми околу уставност, функционалност и колизија со некои други принципи уставни.

Има ли некој рок да стигне на дневен ред?

Нема рок, но многу, многу сум убеден и оптимист дека до крајот на месецот ќе стигне во Собрание. Штом стигне, според Деловникот, ќе направиме сѐ да биде изгласан во најбрз можен рок.

Најавувавте многу реформи во Собранието, зборувавте за почеток на дигитализација, но она што прво се објави е оглас за ново лого на Собранието. Дали е тоа најважно?

Веќе имаше презентација на две нови алатки. Штом ќе биде аплаудирана седницата штом ќе заврши, на јутјуб, ќе може секој граѓанин, секој новинар да ја праша вештачката интелигенција и ќе има интеракција за сите дискутанти кои учествувале во дебатата во Собранието како гласале. И алатката ве носи во одредена минутажа каде што се зборувало на седницата. Така да не мора некој да следи 5 часа, ќе има можност во многу брзо време да знае точно кој што зборел, што кажувал, што е донесено итн.

Другата алатка е за комуникација и контакт на пратениците со граѓаните. Веќе правиме можност, креираме можност да имаме виртуални средби ама и реалните средби да можат граѓаните во секој момент да знаат кој пратеник, на која адреса може да го сретне, не мора во канцелариите. И достапност на секој пратеник со колку граѓани се среќава во текот на месецот, годината.

Имаше идеја во Собранието во склоп на новите трендови на употреба на логото, тоа да биде помодерно, да може да се користи во сите платформи и мислевме дека е можност и за новите креатори на логоа и на графички дизајнери да учествуваат во еден таков јавен оглас за да имаме нова идеја.

  • 16x9 Image

    Сања Васиќ

    Новинарската кариера ја почнува во весникот „Нова Македонија“ во 1991, а потоа продолжува во телевизија Телма како уредник  и водител во информативната програма каде минува најголем дел од кариерата. Работела и во македонската редакција на Гласот на Америка во Вашингтон, била локален дописник на странски новински агенции, како и предавач и обучувач на медиумски проекти. Во Радио Слободна Европа е од јули 2022.

XS
SM
MD
LG