Вајц, поради притисок од бугарски европратеници, го одложи гласањето за Извештајот за Македонија

Aвстрискиот европратеник Томас Вајц

На предлог на известувачот Томас Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска го одложи гласањето за усвојување на Извештајот за земјава за 24 јуни.

На почетокот на расправата на Комитетот за надворешни работи во ЕП, Вајц рече дека имало интензивна дебата околу извештајот, дека тој стои целосно зад неговата содржина и дека неговата улога е да се осврне на состојбите во Македонија – а не да го решава спорот меѓу Македонија и Бугарија, иако сепак нагласи дека билатералните односи и третманот на малцинствата се европски прашања.

Овој потег на Вајц е одговор на притисоците од бугарските пратеници во Европскиот парламент кои тврдеа дека Вајц имал „ненајавени средби“ со македонските власти и ги нарушил правилата за транспарентност на Европскиот парламент, со што, според нив, предложениот текст е компромитиран и необјективен.

Двајца парламентарци надвор од бугарскиот состав го поддржаа Вајц и неговата работа, а Санчез Амор од групата на социјалдемократите порача дека извештајот е одличен и дека жали за валканата, полна со обвинувања и со инсинуации кампања, која не е нормална за ЕП.

Европратеникот од Романија, Дан Барна од групата Обнова, ја осуди кампањата против Вајц и рече дека не ја заслужува.

Бугарските европарламентарци Ивајло Валчев од „Има таков народ“ го нарече одлагањето на расправата за извештајот „мудра, одговорна и навремена одлука“, додека Станислав Стојанов од „Преродба“ побара истрага во ЕП околу „нерегуларностите“ што ги откриле околу пишувањето на извештајот.

Инаку во Извештајот на Вајц се потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се забележува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ.

„Европскиот парламент повикува на брз напредок во преговорите за пристапување, истовремено истакнувајќи ја важноста на усвојувањето на неспроведените уставни амандмани; ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“, се наведува во Предлог-извештајот на Вајц, кој е известувач на ЕП за земјава.

Во документот, меѓу останатото, се наведува дека демократските институции во земјата функционираат „задоволително“, но оти политичката поларизација останува пречка за неопходните реформи и се повикува на интензивирање на напорите за зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството, борбата против корупцијата, реформирањето на јавната администрација и подобрувањето на транспарентноста околу сопственоста на медиумите.

На основниот предложен текст на Извештајот, кој беше објавен на 18 март, беа поднесени вкупно 313 амандмани, од кои повеќето дообјаснуваат или дополнуваат некои делови од документот, но има и такви со кои се вметнуваат нови содржини или оценки.

Посебно внимание предизвикаа амандманите се кои се нагласуваат македонскиот јазик и идентитет. Така, самиот Вајц и претседавачот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер предлагаат амандмани за вметнување нова Точка Д-а со идентична содржина:

„Со оглед на тоа што ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“.

Холандскиот европратеник Тајс Ројтен пак предлага додавање на алинеја 19а во Извештајот, која би гласела:

„Имајќи го предвид постојаното признавање на македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ“.

Ројтен предлага уште еден амандман и тоа на Членот 2 за негово дополнување со текстот „со целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет“, додека, пак, Вајц предлага надополнување на истиот член со зборовите „и целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет“.

Амандман на Членот 2 заеднички предлагаат и европратеници Ден Барна, Урмас Пает и Петрас Ауштревичиус со кој се бара вметнување на текстот „и притоа целосно признавајќи ги македонскиот идентитет и јазик“.

Хрватските европратеници Карло Реслер и Давор Иво Стиер предлагаат нов Член 2б кој би гласел „Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на земјата, уставниот поредок, но и од европските вредности, забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјата и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор, потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации“.

Видете и ова: Кос се понуди да посредува меѓу Северна Македонија и Бугарија за решавање на билатералното прашање

Во пресрет на седницата на АФЕТ, претседателката Гордана Сиљановска Давкова изјави дека очекува поддршка на предлозите кои „ги гарантираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, бидејќи во спротивно тоа „ќе зборува многу лошо за демократскиот капацитет на Европскиот парламент“.

„Искрено, не очекував во 21. век во Европскиот парламент да прочитам или да чујам некои амандмани, замислете во 21 век да оспорувате нечиј идентитет. Тоа е непознат феномен, особено што седите во институција која е дел од ЕУ во чии основни, конститутивни документи како Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаменталните права, се гарантира почитувањето на националниот и културниот идентитет, на човековиот дигнитет и интегритет. Тоа е нешто шокантно“, нагласи Сиљановска Давкова.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, оцени дека е значајно што во Извештајот првпат се споменува посебен македонски идентитет, со што, според него, Европа има шанса да ја исправи историска неправда и да наведе дека ние имаме македонски идентитет и посебен македонски јазик.

Тој нагласи дека предлозите на некои бугарски европратеници во Извештајот пред македонскиот идентитет да стои зборчето „сегашен“, претставува обид да се наметне тезата дека македонска нација е вештачки создадена на корените на бугарската нација.

„Јас тоа нема да го прифатам и ќе го отфрлам и никогаш нема да го прифатам, зашто тоа нема никаква врска ниту со европските, ниту со какви било вредности“, рече Мицкоски.

На вчерашната дебата во АФЕТ посветена на пристапниот процес со еврокомесарката за проширување Марта Кос, бугарскиот европратеник Станислав Стојанов ја праша дали има објаснување или информација „од каде би можеле да дојдат шест идентични амандмани со кои во извештајот се вметнуваат македонскиот јазик и идентитет“.

Стојанов и неговиот сонародник Ивајло Валчев обвинија за „протекување на информации во реално време“ во текот на подготовката на извештајот и најавија дека побарале од раководството на Парламентот да биде запрено неговото усвојување.

На вчерашната дебата во АФЕТ, еврокомесарката Кос изјави дека земјава и Бугарија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за билатералното прашање и дека таа е подготвена да биде олеснувач ако е потребно.

На ова реагираше бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој изјави дека нема билатерално прашање меѓу Скопје и Софија, туку само „Заклучоци на Советот што мора да се исполнат за да може земјата да ги почне преговорите“.

Кос одговори дека тоа е европско прашање, но исто така е и прашање на една земја членка и една држава кандидатка и тие мора да разговараат.

Видете и ова: Бугарскиот парламент усвои нова резолуција во врска со напредокот на Северна Македонија кон ЕУ

Предлог-извештајот е пропратен со Објаснувачка изјава на Вајц во која тој наведува дека „годините на неуспеси и неисполнети ветувања разбирливо доведоа до фрустрација, разочарување и континуиран пад на јавната поддршка за интеграцијата на земјата во ЕУ, меѓутоа во овие времиња на големи промени во меѓународниот светски поредок, постои обновено чувство на итност и важна можност за унапредување на процесот на проширување на Унијата“.

Австрискиот европратеник во Изјавата додава и дека за да се надмине бугарското вето за старт на пристапните преговори на земјава, во 2022 година ЕУ „ги вклучи барањата на Бугарија во заклучоците на Советот поврзани со пристапувањето на Северна Македонија, при што ЕУ делуваше како гарант за нивното спроведување“.

„Таканаречениот „француски предлог“, сепак, постави загрижувачки преседан, дозволувајќи пристапниот процес да се користи за решавање на културните и историските спорови, потенцира Вајц меѓу другото во Изјавата.