Достапни линкови

Бујар Османи: Се чепне ли јазикот, нема веќе Рамковен договор


Бујар Османи - Без европска иднина, оваа држава нема иднина
please wait

No media source currently available

0:00 0:20:47 0:00

Бујар Османи - Без европска иднина, оваа држава нема иднина

Тоа што се прави после трагедијата во Кочани е селективна етничка, партиска, политичка поларизација за да се заштитат своите по секоја цена, вели потпретседателот на ДУИ Бујар Османи. Во интервју за РСЕ зборува дека нема договор со Таравари, за најавените протести, барањето за двојни избори.

Зошто ДУИ повторно најавува протести? Вашиот лидер Ахмети кажа дека доколку ексминистерот за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани, ќе излезе на улица и нема да се врати се додека нема двојни избори?

Мислам дека погрешно е поврзувањето дека заради Крешник Бектеши, како име би излегле на протести. Крешник Бектеши е парадигма на селективната правда која што се води. Бидејќи тоа што се прави после трагедијата во Кочани е невидено во светски размери. Селективна етничка, партиска, политичка поларизација со цел да се заштитат своите по секоја цена.

И Ахмети кога зборува за протести како основно уставно право на секоја опозициска партија, не зборува за Крешник Бектеши како име. Туку за тоа што се случува во државата. Начинот на кој што владата ја сегрегира, ги уништува основните кохезивни елементи на оваа држава. Тоа се три: Рамковниот договор го напаѓа и се обидува да го анулира целосно, европската перспектива исчезна и трето, селективната правда, која што е канцерот на недовербата во едно демократско општество.

Председателката на државата Силјановска, ова го нарече притисок врз судската власт.

Председателката не реагираше кога премиерот најави дека ќе организира протести против обвинителството и судството. Кога секој ден се заканува дека ќе разрешува судии и обвинители. Кога се однесува како обвинител и судија заканувајќи се дека Албанците ќе ги влече за уши.

Претседателката одлучи да не ја реализира својата главна уставна улога, а тоа е да биде медијатор на различните политички и етнички позиции со цел да создаде единство. Таа стана гласноговорник на моноетничката доминација, гласноговорник на селективната правда, едноставно гласноговорник на партијата. И мислам дека таа функција веќе нема никаква улога, посебно не за Албанците кои што веќе не ја чувствуваат како своја и затоа е многу важно да се создадат механизми во кои што барем председателот ќе има елементи на прифатливост од страна на сите.

Зошто ДУИ не излезе на протести кога беше осомничен Артан Груби?

Видете, ДУИ е сериозна политичка партија со голема поддршка, силна поддршка и силно влијание. Секоја наша одлука има сериозни реперкусии и ние ги мериме сите наши одлуки, бидејќи не знаеме до каде тие можат да завршат. Има разлики помеѓу поединечни случаи, меѓутоа, повторно кај кажам, Али Ахмети го спомнал Крешник Бектеши како парадигма на селективната правда, а не како конкретно име кое што би предизвикало протести. И се разбира, секоја одлука поединечно би се анализирала.

ДУИ веќе имаше еден договор со премиерот Мицкоски, кога во Собранието ја подржа реорганизацијата на владата. Дали пак има договор за двојни избори или за предвремени парламентарни?

Очигледно оваа влада е моноетничка. Нема легитимитет кај Албанците.

Предвремените избори се неопходни за да никогаш не се нормализира оваа ситуација. Ова е аномалија, ова е абнормалност која што не може да биде одржлива, треба да се прекине за да влеземе во тој златен период каде што после 20 години, прв пат ќе имаме 4 години без ниедни избори. Значи, јас пресметав, во последните 20 години сме имале 14 изборни циклуси, што значи на секои 17 месеци сме имале по едни избори. Кај нас, еден изборен процес, 6 месеци парализира пред, 6 после.

Каков е тој златен период за евроинтеграциите кога се во ќорсокак – ЕУ не дава гаранции дека Бугарија нема да продолжи со условувања, актуелната Влада нема намера да го менува Уставот под поставените услови. Дали три години потоа, сметате дека згрешивте што прифативте вакви услови иако знаевте дека немате консензус во Собранието?

Прво, прашањето на гаранции е погрешно поставено. Да, требаат гаранции, но не треба да се создаде нов како спорот со името. Гаранции не треба да се бараат од Европската Унија. Европската Унија е колективно тело во кое земјите имаат право на вето, вклучувајќи и Бугарија. Гаранции треба да се барат поединечно од земји членки, од Германија, од Франција, од важни држави во Европската Унија, кои што тие треба да ни гарантираат дека нема да дозволат утре во процесот Бугарија да ја злоупотреби преговарачката рамка. Затоа гаранции да, но не на начин на кој што се злоупотребуваат преко апстрактен поим, кој што само ќе создаде спор кој е нерешлив.

Второ, дали требало да се прифати преговарачката рамка? Да, би било апсолутно историска грешка да се пропушти шансата македонскиот јазик прв пат во историјата да се запише во документ на Европската Унија без никакви додавки.

Ние отидовме преку Договорот за добрососедство и во преговорачката рамка нема„ согласно Уставот“. 90% од преговорите со Бугарија беа за таа формулација.За да се додаде согласно уставот или звездичка во дефиницијата за јазикот, ние тоа го решивме 100% на наша сметка.

Хипотетички, ако има избори, ако победите и влезете во владата со ВМРО, ДПМНЕ, ова ќе го спроведете?

Значи, и пред претходните избори, албанските политички партии потпишаа договор дека нема да влезат во влада со политичка партија која што нема да прифати комплетирање на европскиот процес. Бидејќи без европска иднина, оваа држава нема иднина. Тоа е клучната реченица. И потпиша сите, и овие од ВЛЕН потпиша таков договор, Ахмети, Таравари, Меџити и останатите. Меѓутоа се повлекоа од тој договор, до и останува на тој договор уште од минатата година.

Нема, не може да има просперитет без Европска иднина на државата. И тоа не го кажуваме како тип на закана, туку како грижа за иднината на граѓаните кои што секој ден земаат или бугарски пасоши, утре може да земаат албански пасоши и ние ќе бидеме единствениот парадокс во светот, земја која што не е членка на Европската Унија, а сите граѓани се државјани на Европската Унија преку соседните држави.

Да се вратиме на изборите. Дали има одлука во ДУИ ќе учествувате ли на локалните избори?

Значи, изјавата на Ахмети по однос на локалните избори беше објаснување на ситуација доколку хипотетички законот за јазици би бил чепнат од страна на Уставниот суд. Тогаш, едноставно нема логика политичкото функционирање во државата, бидејќи тука се завршува со Рамковниот договор. Значи, првите два темела се веќе срушени.

Прашањето на легитимитетот, гледате инжинеринг на албанскиот политички блок, премиерот одлучува кој ги представува Албанците, нема логика зашто ние да учествуваме на избори, бидејќи некој друг одлучува за нас. Второ, балансерот и бадентерот, кој што е вториот столб, и трето јазикот. Се чепне ли јазикот, нема веке рамковен договор.

Но одлуката е одложена за по локалните избори.

Иако е припремен извештајот, се спрема терен за тоа, очигледно и тоа, всушност ги прави овие наредни избори референдум за јазикот, повеќе отколку е избор за градоначалници.

Што значи тоа? Ќе учествува ДУИ или нема на изборите?

ДУИ се разбира ке учествува и на заедничките избори, предвремени, парламентарни и локални избори.

Ако се само локални?

Се разбира ке учествува и ке победи на тие избори.

Дали е договорена соработка со Арбен Таравари, Алијанса на Албанците за локалните избори?

Нема таков договор, ги следиме случувањата во ВЛЕН. Мислам дека одлуката на Таравари да го крене гласот против ова понижување е навистина храбра одлука. Очекуваме да завршат тие динамики таму, па после да видиме како ќе биде поставеността за наредните избори.

Дали разговарате со СДСМ за некаква соработка за локалните избори?

Нема формална комуникација помеѓу двете партии по однос на тоа прашање.

Зошто ДУИ повторно игра само на етничка карта и пред овие избори? Зошто партијата повеќе не се фокусира на реални проблеми, на пример на економијата, борба против корупцијата, на иселувањето на младите?

Мислам дека прашањето е погрешно поставено. Зашто Владата не се фокусира на економските прашања, на нормалните прашања, току мора да го укине Балансерот. Мора да оди на моноетнички вработувања, одете во сите последни конкурси во институциите поради укинатиот балансер, имате нула вработување на Албанци во државните институции. Зошто албанскиот јазик исчезнува во државните институции? Зошто Инспекторатот за јазици по секоја цена се убедува да го укинат? Тоа е прашањето.

ДУИ реагира на обидот да се нападне темелот на унитарността на државата - Рамковниот договор, историскиот договор помеѓу Македонците и Албанците како треба ова држава да се раководи и да се живее во неа. Така да, тоа е прашањето кое треба да го поставите до владата.

Трагедијата во Кочани покаже и каков систем вие создадовте, а веќе 20 години бевте во власта.

Начинот на кој што се третира трагедијата во Кочани е всушност парадигма на тоа што го зборувам сега. Судот треба да покаже. Ништо не се покажа до сега како систем сме имале.

Тоа што видовме е дека полицијата не е интервенирала на време, дека полицијата знаела дека една година нема лиценца, дека на денот кога се случил тој голем настан со 600 луѓе, кој што бил рекламиран, низ Кочани и дека ке се случи,полицијата знаела дека нема лиценца, дека нема услов, тоа не се третира. Се третираат министрите за економија од пред 15 години.

Да, но лиценците се издавани 15 години.

Тука гледате очигледен обид. Кои се виновни? Најдовме едни Албанци. И сега ке прикажеме пред тие во Кочани, Албанците ве убија. Знаете колку е ризична таа идеја, но најсрекен сум дека не фати корен тој обид да се етнизира прашањето.

Не чув еднаш од мајките, од родителите на погинатите во Кочани да спомнуваат. Туку точно идентификува, кажаа кој требаше да не брани вечерта. Народот во Кочани, семејствата го положија најважниот тест, не потпаднаа под оваа пропаганда и всушност вперија прст таму каде што очекуваа дека некој ќе ги заштити. Интервјуто во целост е на следниот линк.


  • 16x9 Image

    Сања Васиќ

    Новинарската кариера ја почнува во весникот „Нова Македонија“ во 1991, а потоа продолжува во телевизија Телма како уредник  и водител во информативната програма каде минува најголем дел од кариерата. Работела и во македонската редакција на Гласот на Америка во Вашингтон, била локален дописник на странски новински агенции, како и предавач и обучувач на медиумски проекти. Во Радио Слободна Европа е од јули 2022.

XS
SM
MD
LG