Достапни линкови

Независните кандидати за градоначалници може да ја поматат водата на партиите


Илустрација локални избори 2025
Илустрација локални избори 2025

Вкупно 69 претенденти за независни кандидати во 38 општини, како и 68 листи за 34 општини се пријавиле во ДИК. Меѓу нив само седум жени со намера да станат градоначалнички, како и девет носителки на листи за советници. Претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, смета дека може да земат гласови бидејќи дел од електоратот веќе ја изгубил довербата во партиите.

Кога во првиот круг од локалните избори на 19 октомври ќе треба да одлучат за кој кандидат за градоначалник ќе гласаат, жителите на Прилеп, Град Скопје, Демир Хисар и Струга веројатно ќе добијат најдолги гласачки ливчиња.

Ова го навестува бројот на иницијативи од независни кандидати кои пристигнале до Државната изборна комисија (ДИК). Прилеп е рекордер – се пријавиле седум независни кандидати за градоначалници, додека за останатите три града иницијативи поднеле по петмина кандидати. По три независни кандидатури има во Битола и Демир Капија, додека во останатите општини има по една или две иницијативи.

На ниво на држава, според податоците од ДИК, вкупно се поднесени 69 иницијативи за независни кандидати за градоначалници. Тие се за 38 општини, што значи дека речиси во половина од локалните самоуправи ќе има барем по еден независен кандидат. Во Северна Македонија има вкупно 80 општини плус Градот Скопје.

Слична е ситуацијата и со независните листи за советници – поднесени се 68 иницијативи за во 34 општини. Ова значи дека не се оствари сценариото од голем број кандидати и долги гласачки ливчиња, како што предвидуваше премиерот Христијан Мицкоски откако ДИК одлучи дека на независните ќе им бидат потребни по само два потписи за да поднесат кандидатура.

Претендентите за независни градоначалници и советници, допрва треба да се официјализираат како кандидати заедно со оние што веќе на големо ги промовираат и политичките партиите. Независните како и партиите, до 13 септември треба да ја поднесат потребната документација до изборните комисии кои потоа ќе треба и формално да ги потврдат.

Независните може ги загрозат партиите

А, на денот на изборите, дел од нив би можеле и сериозно да ги загрозат партиските кандидати. Претседателот на Институтот за демократија – „Социетас цивилис“ во Скопје, Марко Трошановски, гледа неколку фактори за вакво сценарио. Тој посочува дека е добро што во овој процес има знак на демократска зрелост од партиите бидејќи не „интервенирале“ со свои „прокси листи“ за да ги доведат гласачите во конфузија, а очекувањата ги базира и на резултатот на независните на минатите локални избори.

За потсетување, во 2021 независните кандидати освоија околу 56.000 гласови на ниво на држава со што избија како четврта политичка сила.

„Со оглед на тоа и дека дел од партиите сериозно изгубија гласачко тело од својот традиционален електорат очекувам тие гласови да се префрлат кај независни кандидати и граѓански листи. На пример, во Скопје и Центар платформата Независни заедно излегоа со доста квалитетни кадри кои граѓаните ги препознаваат како стручни, компетентни и неоптоварени со партиски товар“, вели Трошановски за Радио Слободна Европа (РСЕ).

На сето ова тој го додава и нивото на недоверба кое постои кај дел од електоратот во политичките партии, па оттука неговите очекувања се дека дел од независните може да направат сериозен резултат не само во Скопје туку и во некоја од помалите општини.

Кои се независните кандидати?

Дел од независните кандидати веќе се познати не само на локалното население туку и на пошироката јавност. Така на пример, се кандидати за Град Скопје и Општина Центар од платформата Независни заедно – деканот на Градежниот факултет Горан Марковски и поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Билјана Ивановска. Во неизвесноста дали ќе може да настапат како независни, платформата започна и постапка за собирање потписи со цел да формира партија, но на крај сепак на гласачките ливчиња тие ќе се најдат како независни.

За Скопје, покрај Марковски, како независни иницијативи поднеле уште четири лица: Драган Николовски, Сашо Маневски, Сашо Панговски и Демир Исмаил.

Ивановска, пак, е единствена независна во Центар е и една од само седумте жени во листата од 69 кандидати кои поднеле иницијатива до ДИК за градоначалничка кандидатура. Меѓу нив е и актуелната претседателка на Советот во Битола, Габриела Илиевска, од независната иницијатива Поинаку, како и Невена Георгиевска која е независна советничка во Карпош. Иницијатива за независни кандидатури жени поднеле и во Кисела Вода, Гевгелија и Прилеп.

Жените се ретко застапени и како носителки на независните листи за советници – на само девет од 68 тие се на челната позиција.

Меѓу претендентите за независни градоначалници се и актуелниот в.д. градоначалник на Кочани, кој беше избран како независен советник на минатите избори, Венко Крстевски. Тој застана на чело на општината по оставката на претходниот градоначалник кој е осомничен во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во март кога загинаа 62 лица. Во Кочани, на пример, ќе има уште еден независен кандидат – Зоран Тодоров.

Меѓу независните има и други актуелни градоначалници – во Дебарца Зоран Ногачески ќе бара уште еден мандат како независен, а во Студеничани, актуелниот градоначалник Азем Садики поднел иницијатива за независен кандидат откако пред четири години освои мандат како кандидат на ДПА на Мендух Тачи.

Меѓу имињата познати на пошироката јавноста се и економскиот аналитичар Висар Адеми кој ќе трча како независен за Гостивар. Тука е и бизнисменот Менди Ќира кој најави кандидатура како независен во Струга, но ја доби поддршката од владиниот коалициски партнер Вреди.

Кондарко:Потребен ни е целосно нов Изборен законик
please wait

No media source currently available

0:00 0:19:43 0:00

Каков успех имаа независните на претходните избори

Локалните избори на кои овие кандидати ќе настапат ќе бидат осми по ред од осамостојувањето на државата во 1991 година.

Со околу 56.000 гласови, пред во 2021 независните кандидати во Северна Македонија освоија три градоначалнички мандати и 64 советнички места.
Според анализата во Прирачникот издаден за минатите локални избори од Институтот за демократија „Соицетас Цивилис“ и Фондацијата Конрад Аденауер, и на изборите во 2017, три градоначалнички места припаднале на независни кандидати. Два беа избрани во 2013, исто како и во 2009 и 2000 година. Во 2005, пак, дури седум независни кандидати станале градоначалници.

Сепак, меѓу градоначалничките мандати кои припаднале на независни кандидати се, на пример, и случаите со Данела Арсовска во 2021 и Трифун Костовски во 2005 кои беа поддржани од ВМРО-ДПМНЕ, како и Максим Димитриевски на минатите локални избори, по кои неговото движење прерасна во политичката партија ЗНАМ.

Претстојните локални избори беа распишани на 9 август. Кампањата треба да започне на 29 септември. Првиот круг на гласање е на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.

Во првиот треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил мнозинство гласови под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина. Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG